Прилепска Пиварница е основана 1924 година. Тој период се карактеризира со мануелно производство, кое расне од година во година и на почетокот на Втората светска војна достигнува до 8.000 хектолитри пиво годишно. Со преземањето на раководството од страна на млади високообразовани кадри, во 1975 година почна и брзиот пораст на Прилепска Пиварница и во текот на следните три години, производството скокна на 250.000 хектолитри пиво годишно.
Во 2000 година го лансира пивото „Златен Даб“. Од самото појавување на Златен Даб, во Пиварницата е инсталирана опрема за целосно и автоматско водење на процесот на ферментација на пиво, целосно стерилно производство на пивски квасец и автоматско миење на целата опрема и инсталација.
Во 2003 година е спроведена втората фаза од инвестицискиот проект, која се однесуваше на проширување на капацитетот. Тоа проширување подразбираше шест нови садови за ферментирање, дополнителна опрема во одделението за варење на пивскиот слад и дополнителна нова амбалажа.
Во 2007 година, Прилепска Пиварница изврши целосна реконструкција, проширување и целосна автоматизација на одделението „варилница на пиво“, се со цел да го одржи квалитетот на својот производ, но и да одговори на барањето за негова постојана присутност на пазарот. Во почетокот на 2009 година беа набавени 16 цилиндрично-конусни танкови со вкупен капацитет до 500.000 хектолитри за сместување на пивото во периодот на негова стабилизација и матурација во процесот на производство. На таков начин се зголемува и капацитетот на летниот подрум, што значи можност за зголемено производство и тоа со стандардно висок квалитет.
Во 2011 година, Пиварницата инвестира во безкиселгурна филтрација. Со оваа инвестиција, Пиварницата стана една од трите во Европа и единствена во регионот што ја поседува оваа опрема, со која се заштитува животната средина – по филтрацијата нема отпад. Имено, поставени се мембрански филтри каде се преработуваат фините честички на квасец и протеинскиот талог. Новиот начин на филтрација дозволува и постојана стабилизација на пивото, за намалување на состојките кои влијаат на горчината на пивото, со што се добива чиста горчина. Инвестицијата претставува заокружување на целиот процес за производство на пиво, комплетно автоматизиран и компјутеризиран.
Во 2013 година, 7.5 милиони евра се инвестирани во нова линија за полнење на пиво и газирани пијалаци во стаклена амбалажа. Ова е досега најголемата инвестиција во Прилепска Пиварница за една година. Новата инвестиција е линија за полнење пијалаци во стаклена амбалажа составена од 15 машини набавени од најпознатата компанија од ваков тип – Кронес од Германија. Ова е единствена од ваков тип опрема во Македонија. Со оваа инвестиција приближно 30-тина милиони евра се инвестирани во последниве десетина години во Прилепска Пиварница и тоа пред се во опрема за филтрација и стабилизација на пиво или позната како бескиселгурна филтрација, опрема за обработка на вода, за одлежување, матурација и стабилизација на пивото, инвестиции во нови производи и друго.
Патот на квалитетот и традицијата од 1924 г. до денес
Со континуирано инвестирање во производниот процес уште од своето основање во 1924 година па до денес, Прилепска Пиварница постојано го подобрува квалитетот на своите постојни производи и создава нови.
КАКО ПОЧНАВМЕ
1924
ПАРЕН КОТЕЛ
1953
ЛАНСИРАЊЕ НА ЗЛАТЕН ДАБ
2000
ПРОШИРУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ
2003
ЦЕЛОСНА АВТОМАТИЗАЦИЈА
2007
ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ
2009
БЕСКИСЕЛГУРНА ФИЛТРАЦИЈА
2011
НАЈГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИЈА
2013
ПИВАРНИЦАТА ДЕНЕС
2023